Реакција на СККФСМ

...

Предмет: Реакција од страна на Судиска Комисија при КФСМ во врска со нападите од одредени кошаркарски клубови




Би сакале да ја информираме спортската и пошироката јавност дека целосно ги отфрламе паушалните и субјективни напади и генерални констатации на одредени кошаркарски клубови од македонската прва лига, во врска со наводното тенденциозно судење од страна на нашите кошаркарски судии.

Сведоци сме на еден вид оркестриран напад од страна на клубови кои можеби не успеваат да ги реализираат зацртаните и планирани резултати, па можеби најлесно е за тоа да се обвинат службените лица и нивното „тенденциозно судење“.


Без намера да навлегуваме во детали и полемики преку средствата за јавно информирање, би сакале да потенцираме дека секој клуб, доколку има некакви забелешки за судењето, на располагање има низа инструменти пропишани со важечките Пропозиции и Правилници на КФСМ, со кои може да ги провери судиските одлуки и нивната исправност, а без притоа да се скандализира македонската јавност со бомбастични наслови, писанија и видеа, кои не носат никаква корист за клубовите, официјалните лица, за спонзорите, за кошарката воопшто...



КФСМ со одлука на УО има донесени Акти, кои сите официјални лица на натпревар мора да ги почитуваат. Доколку има прекршување на истите, секогаш се постапува согласно Пропозициите за натпреварување.

Затоа сметаме дека ваквиот начин на комуникација е најмалку потребен во овој момент и сакаме да апелираме до сите дека Судиска Комисија на КФСМ е секогаш на страната на правдата, отворени сме за соработка со сите чинители вклучени во кошарката на начин којшто доликува на овој интелегентен спорт.



Сакаме исто така да потенцираме, дека во изминатата година инвестиравме и ќе инвестираме во континуирана едукација на нашите судии, делегати и делегат-контролори, за што се организирани низа семинари со еминентни предавачи, а изработена е и специјална интерактивна онлајн-платформа исклучиво од сопствени средства, со која едукацијата ќе биде уште подостапна, поефикасна и континуирана...


Сакаме да ја увериме спортската и пошироката македонска јавност, дека без разлика на неоснованите напади и реакции, ќе опстоиме на намерите да обезбедиме максимална регуларност и фер-плеј на кошаркарските натпревари и дека секогаш ќе победи подобрата екипа на теренот!