Координација на службените лица пред Куп, Плеј-оф и Плеј-аут натпреварите

...

На 12.5.2021, во предвечерјето од одигрувањето на Кошаркарскиот Куп „Благоја Георгиевски – Буштур“ во машка конкуренција, Судиската Комисија при КФСМ во соработка со Комесарот за натпреварување Александар Милојевиќ, одржаа онлајн состанок со судиите, делегатите и делегат-контролорите од првата група, на кој беа разменети мислења за досегашниот тек од првенството.

Од Комесарот се добија детални информации за претстојното Куп натпреварување, како и за системот и распоредот на одигрување на натпреварите од Плеј-оф серијата во Првата лига мажи. Констатирано е дека досегашниот тек од првенството се одигра во фер и коректна атмосфера, со многу добро завршена работа од страна на официјалните лица и мошне коректно судење...

Сите членови се свесни дека влегуваме во најбитниот дел од натпреварувачката сезона која се игра во многу специфични услови заради Covid-19 пандемијата, и сите се подготвени да го дадат својот максимум за фер и коректен крај на Купот и на првенството.

Како и досега, особен акцент ќе се даде на фер и коректниот однос на актерите на теренот, однесувањето на играчите и клупите, како и правичен и конзистентен критериум и максимален фокус на примена на службените кошаркарски правила.

Таму каде што е потребно, ќе се користи воспоставениот Instant Replay System (IRS), за да се отстранат сите сомнежи или двојби во врска со одредени ситуации јасно наведени во Правилата и во упатствата од Комесарот.

На крајот сите заедно ја истакнаа определбата дека официјалните лица ќе се погрижат секогаш да победи подобрата екипа на теренот.